Александар Донев кој леташе во бизнис класа летна од работа
Владата денеска на седница го разреши директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Александар Донев.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски, на Твитер соопшти дека денеска е разрешен директорот Донев.
Тој е разрешен поради несовесно и невнимателно работење.
Донев предизвика внимание во јавноста откако лани во ноември леташе со бизнис класа за неговата работна посета во Аргентина, при што платил 220.000 денари.
Тој тогаш изјави дека разликата меѓу економската и бизнис класата била само 40.000 денари и дека поради набиена агенда, морал да стигне побрзо до Аргентина.
Откако изби скандал за оваа сума која ја потрошил, Донев вети дека ќе ги врати парите што ги потрошил на патувањето. Како што кажа Донев, парите ќе ги донира за проект на Министерството за труд и социјална политика за соба за деца со посебни потреби.
Тој е долгогодишен граѓански активист и учесник на Шарената револуција.
