Економија, финансии, бизнис

Контакт

АЛБАНСКИТЕ ПОЛИТИЧАРИ ОД ЗЕМЈАВА ЧЕСТИТАА - желби за успех за новата претседателка на Косово Вјоса Османи

АЛБАНСКИТЕ ПОЛИТИЧАРИ ОД ЗЕМЈАВА ЧЕСТИТАА - желби за успех за новата претседателка на Косово Вјоса Османи

Албанските политичари од земјава и честитаа на новоизбраната претседателка на Косово, Вјоса Османи.

Со честитка до оваа косовска политичарка се јави меѓу првите министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

„Честитки до Вјоса Османи за изборот за претседател на Република Косово“, напиша на својот фејсбук профил шефот на дипломатијата.

Тој сподели и фотографија од официјална средба што своевремено ја имал со Вјоса Османи.

И вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, објави честитка за изборот на Вјоса Османи.

„Честитки за новоизбраната претседателка на Косово, Вјоса Османи.

Женското лидерство докажува дека постои политичка и општествена воља за иклузивност, како и креирање на простор во кој таа ќе роди промени и резултати“, напиша вицепремиерот Фатмир Битиќи на својот фејсбук профил.

А со честитка до Вјоса Османи излезе и лидерот на ДУИ и пратеник во Собранието, Али Ахмети.

„Мило ми е што денеска косовските пратеници успеаја да ја заокружат консолидацијата на институциите во земјата како резултат на волјата на граѓаните изразена на изборите на 14 февруари.

Изборот на претседател на Република Косово е добра вест за сите и посакувам на г-ѓа Османи многу здравје, трпение и храброст во нејзината работа која се надевам дека ќе ја оствари само со успех.

Кај нас ќе најдете братска рака за искрена соработка и поддршка. 

Секој успех на Косово ме прави среќен, затоа на сите граѓани им го честитам завршувањето на процесот на избор на состав на Собранието, новата влада и денес и новиот претседател на Косово“, напиша вчера вечерта лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Инаку, како што е познато, косовскиот парламент ја избра 38-годишната правничка за нов претседател на таа држава, и тоа во вториот обид. Нејзиниот претходник, Хачим Тачи, поднесе оставка поради обвинението покренато од Специјалниот трибунал за Косово во Хаг.

Вјоса Османи освои 71 глас во парламентот, кој има 120 места. По нејзиниот избор, политичарката, која меѓу другото е образувана во САД, повика на дијалог со Србија за нормализирање на односите меѓу двете страни. Но, таа веднаш постави и услов: владата во Белград прво мора да се извини и да ги покрене обвиненија против одговорните за војната во 1998/99 година.

Османи веќе беше привремено на функцијата од ноември минатата година по оставката на Тачи. Нејзиниот мандат истече со преземањето на валста од страна на новата влада на премиерот Албин Курти и неговото анти-естаблишментско движење „Самоопределување“ . Тоа извојува убедлива победа на парламентарните избори на Косово во средината на февруари.

Гласањето во парламентот првично не успеа во саботата поради бојкотот на опозицијата и на српското малцинство и ако повторно не успееше, повторно се закануваа предвремените избори во земјата. По повеќечасовната блокада, собраниската седница беше одложена за во недела. Пропаднатиот прв обид за избор на Османи се толкува како неуспех за премиерот Курти.

Слично

Поврзани вести