Албанскиот преку ноќ стана службен во Струга
Албанскиот јазик и официјално, покрај македонскиот, ќе биде впишан како службен јазик во општина Струга. Со новиот статут на општината, кој вчера го изгласаа градските советници, потврден е ваквиот чекор на струшките власти.
Во Членот 7 од Статутот на Струга сега стои:
- Во оштината, службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилично писмо - а во параграф понатаму се додава:
- Во општината службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото кирилично писмо, е и јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од жителите на општината, односно - албанскиот јазик и неговото писмо.
Во досегашниот статут на општина Струга стар 15 години, стоеше дека службен јазик во општината е македонскиот и неговото кирилично писмо и јазикот кој го зборуваат најмалку 20 отсто од жителите на општинатa, но не и албанскиот јазик како посебен термин.
Единствено советниците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против статутот и најавија дека спорниот Член 7 ќе го обжалат пред Уставниот суд. Велат дека на овој начин Струга станува двојазична општина, што според нив е спротивно на Уставот и на Законот за локална самоуправа.
- Со овој статут се исклучува можноста за употреба на јазиците на другите - предупреди Ален Деребан најавувајќи ја жалбата веднаш штом Статутот биде објавен во Службен весник.
