Албанија отворено ги поддржа повиците за промена на македонскиот устав
Албанскиот премиер Еди Рама отворено ја поддржа платформата на тројцата албански лидери во Македонија, со која тие побараа промена на уставот и државните симболи, воведување на официјален албански јазик и уште неколку барања.
Според Рама „станува збор за историска заедничка платформа“ за преговорите при составувањето на новата македонска влада.
Во личниот профил на Фејсбук Рама напиша дека „тоа е историски чекор и дека Албанците не преговараат за фотелји“.Да потсетиме дека вчера три албански партии објавија заедничка декларација со седум барања. Во првата и втората точка се поставуваат барања за промена на уставот, на државните симболи на земјата, воведувањето на албански јазик како официјален јазик и целосна равноправност помеѓу Албанците и Македонците.
Барањата беа упатени од Демократската унија за интеграција (ДУИ) на Али Ахмети, движењето Беса на Билал Хасан и на Зијадин Села од Албанскиот сојуз во денот кога православните граѓани во Македонија го одбележува Раѓањето Христово-Божик.
Трите партии се повикуваат на Охридскиот договор од 2001 година, за да ги оправдаат своите барања за промена на уставот. Овој договор сепак не предвидува слични промени.
