АЛАРМ: На Скопје му недостигаат 158 пожарникари!
На главниот град му фалат 158 пожарникари за да можесоодветно да се покрие целата територија на Скопје, предупредува Бригадата за противпожарна заштита на Скопје во редовниот годишен извештај за 2013 година, кој ќе го претстави пред Советот на Град Скопје во вторник.
Во моментов територијата на Скопје ја покриваат 227 пожарникари, а нивниот број треба да се зголеми за 70%. Законот предвидува на 1.500 граѓани да има еден пожарникар. Со оглед на тоа што според последниот попис во Скопје живеат 570 илјади граѓани, противпожарната единица треба да брои 385 пожарникари, појаснуваат од Бригадата за противпожарна заштита.
Ситуацијата станува уште поалармантна доколку се знае дека податоците од последниот попис се веќе застарени и оти бројот на население во главниот град е веројатно уште поголем.
„Иако е направен исчекор со вработување на 25 нови пожарникари, сепак поради константниот природен одлив на вработени, помалиот број на вработени претставува проблем. Друг проблем е и подобрувањето на просечната старост на пожарникарите, која сега изнесува 44 години“, пишува во извештајот.
Освен ова, противпожарната единица која секојдневно врши интервенции низ Скопје располага со 50 противпожарни возила, со просечна старост од 23 години и за кои веќе е тешко да се наоѓаат резервни делови. Во 2013 година во Скопје се случиле 1.079 пожари, при што била предизвикана материјална штета од 670 илјади евра.
Слично
