НЕДЕЛНА БЕРЗАНСКА АНАЛИЗА: Акцијата на Телеком убедливо доминантна со промет од 300.000 евра во еден ден!
Генерална оценка за сегментот берзанска котација е жалосно ниско ниво на ликвидност, поизразена резервираноста на страната на купувачите и кај најликвидните акции, ниски промети – традиционално и очекувано за овој период од годината
Акцијата на „Македонски Телеком“ ја одбележа скромната трговска недела која измина.
Во еден ден, на 17 декември, во класично тргување на пазарот беа истргувани 62.000 акции, односно 0,6 отсто од капиталот на таа компанија, по цена од 282 денари за акција.
Прометот беше 17,5 милиони денари и беше доминантна сума во целиот неделен берзански промет со исклучлок на блок трансакциите. Многу е веројатно, од аспект на истргуваната количина, дека станува збор за договорена трансакција помеѓу два субјекти. Веројатно е дека продавач може да биде домашен институционален инвеститор кој до сега во своето портфолио држел акции од најголемата македонска телекомуникациска компанија. Исто така очекувано е купувач на акциите, со оглед на големината на издвоените средства, да биде друг институционален инвеститор кој можеби е мотивиран од очекувана добивка т.е. дивиденда што би ја добивал во идниот период од влогот во тој инструмент на нашиот скромен пазар на капитал.
Доколку е така, тогаш, имаме ситуација во која менаџментите на два институционални инвеститори имаа дијаметрално спротивни инвестициски одлуки. Првиот одлучил да продаде затоа што не очекува принос кој би можел да биде на ниво на некое друго вложување, а купувачот пак воден од мотив дека оваа инвестиција на одреден рок ќе донесе солиден принос решил да купи. Како и да е времето ќе покаже кој направил подобра проценка во оваа ситуација.
Од другите случувања на берзата на подсегментот берзанска котација вреди да се истакне тоа што „Алкалоид“ уште еднаш ја потврди својата константност и беше најбарана акција со промет од 4,44 милиони денари. Оваа акција ов оваа седмица се одржа на ценовно ниво над 5.000 денари и се тргуваше во рамка од 5.030 до 5.000 денари за акција. „Комерцијална банка“ беше втора акција со промет од над 1 милиони денари и по „Алкалоид“ единствена која натфрли промет од маргината 1 милион денари. За одбележување е тоа што нејзината цена забележа корекција до ниво од 2.050 денари за акција, а највисоката неделна цена беше 2.100 денари. Прометот изнесуваше 1,8 милиони денари. Повеќе од очигледна е резервираноста особено на купувачите на „Комерцијална банка“ и тоа во насока на очекувана дополнителна корекција на пазарната цена на таа ликвидна хартија од вредност, за македонска дефиниција на терминот ликвидност.
Од другите најликвидни акции најблизу до маргината од 1 милион денари беше „Макпетрол“ со реализација од 0,99 милиони денари. Таа акција се тргуваше во маргина од 22.400 до 21.600 денари за акција.
На подсегментот задолжителна котација најактивна акција беше обичната на „Стопанска банка“ со промет од 0,37 милиони денари, но тргување во 4 трговски дена – по што беше единствена во споредба со сите други акции на тој подсегмент од пазарот.
Слично
