Активистот на СДСМ демантира дека бојадисувал билборд, МВР се уште трага по потпалувачот на рекламните паноа
Извесниот Сенат Вели, кого одредени медиуми го посочија дека е лицето кое уништувало билборд со предизборна порака од опозицијата во скопски Ѓорче Петров, ги демантираше гласините дека тој вандализирал рекламното пано закупено од ВМРО-ДПМНЕ.
„Најостро ги демантирам лагите што на одредени медиуми се шират за наводни оштетувања на билборди низ Скопје. Лага е дека сум фарбал било какви билборди, уште поголема лага е дека сум бил приведен од страна на полициски службеници.
Очигледен е стравот од пораз на 12 април кај противниците од ВМРО-ДПМНЕ кој ќе го доживеат во Дексион, па затоа сум цел на вакви напади, како истакнат член на СДСМ кој им задал јак пораз на претходните избори.
Јасно е дека до денот на изборите ќе гледаме многу лажни вести во кои нападнати ќе бидат сите кои биле и уште се против режимот. Истовремено, барам до сите медиуми да ги повлечат текстовите и сликите на кои сум означен како човек кој демолирал билборди“, објави Вели.
Медиуми изнесоа непотврдени информации дека во вторникот околу 21,30 часот забележале дека на улицата „Ѓорче Петров“ во близина на салонот за мебел „Кристина Дамил“, маскирано лице фрлало боја на билборд со кампања против поранешниот премиер Зоран Заев и бил идентификуван како Сенат Вели, 30-годишник од Сарај.
Истовремено МВР во полицискиот билтен вчера објави дека во доцните вечерни часови во вторникот на улиците„Васил Ѓоргов“ и на булевар Митрополит Теодосиј Гологанов во центарот на Скопје биле опожарени билборди.
Одф МВР за „Фактор“ информираат дека сазега не е пронајден сторителот или сторителите.
- Палњето беше пријавено во МВР, но ако има дополнителни информации дека одредено лице е приведено или повикано на информативен разговор, ние ќе објавиме, велат од полицијата.
Денеска претседателот на СДСМ, Зоран Заев, го осуди ваквото деструктивно однесување како црна предизборна кампања.
- Ги осудувам ваквите постапки. Секој нека си ја сноси одговорноста без разлика на тоа за каков билборд се работи и каква е содржибата на истиот. Секој има право да закупи простор, а граѓаните нека ценат кој што рекламира па и така нека носат одули. Но дефинитивно сум против палење и оштетување на приватна имовина, рече денеска Заев на прес-конференцијата запрашан дали има информации за тоа кое или кои лица ги вандализирале паноата.