Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ако сега не се реши прашањето со името, со години ќе остане статус-кво

Ако сега не се реши прашањето со името, со години ќе остане статус-кво

Прашањето за името треба да се реши годинава или статус кво ситуацијата ќе продолжи со години. Има волја на двете страни и може да се стигне до заеднички прифатлив компромис. Медијаторот Матју Нимиц има клучна улога, но владите на двете земји се тие кои го водат процесот. Потребни се конструктивност, креативност и флексибилност. Македонската Влада е позитивна и креативна, а таква е и Владата во Атина, и затоа гледам светлина на крајот на еден долг тунел.

Ова го истакна државниот министер за европски прашања во МНР на Германија, Михаел Рот, на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Зоран Заев.

„Последните изјави ја потврдуваат волјата прашањето сега да се реши, и двете страни се подготвени за тешки компромиси. Германија дава целосна поддршка“, рече Рот.

Порача дека не треба да се поставуваат црвени линии, а неопходно е да има и дијалог меѓу власта и опозицијата.

Рот го поздрави напредокот што го постигна Македонија во реформите и приближувањето кон ЕУ.

„Климата во земјата е значително променета, но неопходно е да продолжат реформите потребни за евроатлантското приближување и Македонија да остане на вистинскиот пат. Препораката од ЕК е резултат на заложбите на Владата. Германија ја поддржува европската перспектива на земјата и одблиску ќе ги следи извештаите за напредокот“, изјави Рот.

Истакна дека владеење на правото е суштинско, тоа е задача на Владата, но и на сите во земјата, вклучително и опозицијата.

„Независно судство е клучно во борбата со корупцијата. Граѓаните мора да видат резултати“, кажа Рот.

Тој ја поздрави работата и резултатите на СЈО и укажа дека е неопходно да се воспостави доверба во правните институции и да се расчисти случајот со прислушувањата. Рот го поздрави договорот со Бугарија и подобрувањето на односи со Грција.


Слично

Поврзани вести