Економија, финансии, бизнис

Контакт

АКО ПЛАНИРАТЕ ДА ИЗЛЕЗЕТЕ, ПРОВЕРЕТЕ ГО КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТ: Ги прашавме граѓаните дали го практикуваат ова

АКО ПЛАНИРАТЕ ДА ИЗЛЕЗЕТЕ, ПРОВЕРЕТЕ ГО КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТ: Ги прашавме граѓаните дали го практикуваат ова

Од Институтот за јавно здравје(ИЈЗ) пред неколку дена ги советуваа граѓаните пред да излезат надвор да го проверат квалитетот на воздухот, и доколку немаат потреба да не одат надвор, но сепак ова е тешко изводливо за многумина. Луѓето кои мораат да одат на работа, на училиште или имаат неодложни обврски, мораат да излегуваат и покрај високото загадување на воздухот, а многу од постарите не знаат како да проверат дали воздухот во нивното место е загаден и до кој степен. Велат дека читаат во медиумите дека е загадено, но лично не проверуваат на дневна основа колкаво е аерозадувањето во нивната општина.

„Не знам каде да проверам дали воздухот е загаден. Ако имам потреба морам да излезам, а се чувствува дека е загадено“, рече Бранка Марковска, повозрасна жена.

За да се заштитат, луѓето купуваат прочистувачи за воздух.

„Ние имаме прочистувачи на воздух дома. Слушам, читам по портали дека е страшно загадувањето. Бидејќи имаме прочистувачи дома, откако отворивме врата за да собереме алишта, квалитетот на воздухот за кратко време се влоши. Јас морам да одам на работа, а тоа што немаме култура да си носиме маски, тоа е нешто друго“, објаснува Сузана Крстевска, граѓанка.

Анкетиравме и една средношколка која е четврта година и таа вели дека не ги отворала апликациите за квалитет на воздухот.

„Немам отворано такви апликации. Во училиште и на работа луѓето мораат да одат, а за некои други потреби подобро е да се провери пред излегување, сепак се работи за здравје“, кажа Марта Ивановска, средношколка.

Друга млада жена вели дека на социјалните мрежи често гледа објави за загадувањето на воздухот.

„Често на Тик Ток има информации за загадувањето. Се чувствува дека е загадено, мириса на изгорено. Но, не можат луѓето да не излегуваат, дали ќе е тоа за на работа, за одење на училиште, факултет, мораат да одат“, вели Елмија Скендеровска, граѓанка.

Лекарите ги советуваат своите пациенти да не престојуваат надвор во период од денот кога е најзагадено. Ако самите не знаат како на интернет да се информираат за аерозагадувањето, домашните можат да им помогнат.

„Во Битола, мислам дека луѓето се информирани, зборувам за ранливите категории, пензионери, луѓе со астма и други респираторни и срцеви проблеми. Нив ги советуваме да не излегуваат кога е најзагадено. Секако дека секој човек треба да внимава, а младите имаат повеќе достапност до технологија и си следат самите каква е состојбата со аерозагадувањето преку соодветните апликации“, вели Андреа Настевски, општ лекар.

Од ИЈЗ ги советуваа граѓаните да носат заштитна маска со докажана ефикасност, но и да не отвораат прозорци кога воздухот е загаден. 

„Користете прочистувач на воздух. Намалете физички напор, особено ако имате здравствени проблеми. Лицата со астма, срцеви и респираторни заболувања, бремените жени и децата – бидете особено внимателни. Конзумирајте храна богата со витамини (A, C, E). Доколку почувствувате симптоми – консултирајте лекар. Следете го квалитетот на воздухот на: air.moepp.gov.mk“, соопштија од ИЈЗ. 

За време на викендите, посебно во недела кога луѓето не одат на работа, се чувствува дека квалитетот не воздухот е малку подобар. Повеќето македонски градови изминатиот период се екстремно загадени. Скопје беше меѓу првите најзагадени градови во Европа. Луѓето одат на Водно со цел да дишат почист воздух. Овој проблем со загадениот воздух Македонија го има со години и тој го зема данокот, односно по неколку илјади луѓе годишно умираат од последиците на аерозагадувањето.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести