Ако нема дијалог – затворската полиција излегува на улица: најавен протест пред МРТВ и марш до Управата за санкции
Синдикатот на затворската полиција и администрација на Македонија најави дека ќе организира мирен протест доколку не се воспостави социјален дијалог со Управа за извршување на санкции.
Како што информираат од Синдикатот, протестот е закажан за утре-8 април 2026 година (среда), во периодот од 17:00 до 19:00 часот, со почетна точка пред објектот на Македонската телевизија (МРТВ), по што ќе следува протестен марш до Управата за извршување на санкции при Министерството за правда.
Протестот, како што посочуваат, има за цел јавно да се достават барањата на членовите до надлежните институции, особено во делот на склучување на колективен договор и решавање на тековните проблеми во секторот.
Од Синдикатот бараат итно постапување по нивните барања и предупредуваат дека незадоволството ќе го изразат преку мирен и достоинствен протест доколку не се воспостави дијалог.
Воедно, ги повикуваат сите засегнати страни, колеги и поддржувачи да им се придружат во, како што велат, остварувањето на легитимните права.
