Ако не успее Собранието, Уставен суд ќе го одложи пописот, вели Апасиев
Ако не успее Собранието, Уставен суд ќе го одложи пописот со поништување на самиот Закон, вели претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Институциите се место каде што треба да се решаваат политичките кризи, порача тој.
„Веќе покажавме дека имаме капацитет со деблокирањето на Собранието и без помош на странци да ги решаваме политичките кризи. Мислам дека во таа насока ќе продолжи утрешната средба. Доколку добиеме покана, ќе ја прифатиме под тој услов. Се уште немаме добиено официјална покана“, рече Апесиев на прес-конференција во Собранието.
За пописот, Апасиев вели дека е добро тоа што е договорено да биде одложен, но, како што нагласи, тој е одложен само де факто, а де јуре се уште не е одложен.
„Има две варијанти или Собранието да го одложи каде што не би можело да има блокада, бидејќи е со европско знаме. Или во случај да не може тоа да се постигне, мислам дека ќе се оди преку Уставниот суд, односно поништување на законот или негово укинување со времена мерка мораториум, ставање вон сила. Впрочем, таква историја веќе имавме кога се распушти Собранието, па потоа со одложено дејство се обидоа да ја продолжат таа ситуација кога тогашниот пратеник Џафери има поднесено иницијатива што Уставниот суд ја освои. Во овој случај, Левица има поднесено иницијатива. Тоа се двете варијанти. Бидејќи станува збор за закон, не може Владата сама да го одложи“, изјави тој.
Апасиев рече дека нивниот став за Законот за државјанство останува ист дека нема да го поддржат во таква формата во која што е. Пописот е одложен за септември. Како што договорија лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, пописот треба да се одржи од 5 до 30 септември.
