Ако мнозинството нема 80 пратеници за измена на Уставот да одиме на избори, вели Мицкоски
Ако мнозинството нема 80 пратеници за измена на Уставот да одиме на избори, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„На Владата ѝ предлагам, веднаш кога парламентот ќе се врати од годишен одмор, прва точка на првата седница да биде предлогот за измена на Уставот. Ако соберат 80 пратеници јас следнот ден ќе го исполнам ветувањето и трајно ќе заминам од политиката. А ако немаат, да одиме на предвремени парламентарни избори“, рече тој.
Мицкоски вечерва од Тетово упати ваква порака одговарајќи на новинарско прашање да потврди дали и натаму останува на изјавата од вчера дека ако некој од ВМРО-ДПМНЕ гласа да се промени Уставот, тогаш ќе ја напушти политиката. Се мисли на внесување на Бугарите во Уставот. Тој и претходно кажа дека во ВМРО-ДПМНЕ нема луѓе кои би гласале за промени на Уставот.
