Академиците го слушаа Заев: Јазикот и писмото официјални во заедница од 500 милиони луѓе
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска, на покана на Македонската академија на науките и уметностите, учествуваше со свое обраќање на конференцијата „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евро-атлантските интеграции на Република Македонија“, во организација на академијата и на Центарот за стратегиски истражувања кој работи во составот на МАНУ.
На оваа конференција, со која претседаваше академик Владо Камбовски, свои обраќања во нејзиниот воведен настапија претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања д-р Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, првиот претседател на Собранието на Република Македонија Стојан Андов, амбасадорот на САД во Република Македонија Џес Бејли, амбасадорот на Република Франција Кристијан Тимоние и амбасадорот на Сојузна Република Германија Томас Норберт Герберих.
Претседателот на Владата на Република Зоран Заев, во своето обраќање истакна дека договорот од Преспа е добар, достоинствен договор што го потврдува идентитетот и ја гарантира нашата иднина.
„Нашите аргументи се кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Грција го признава нашиот идентитет. Јазикот ќе се користи слободно секаде, во ОН, НАТО, ЕУ, во сите официјални институции, активности и настани. Македонскиот јазик и кирилското писмо ќе бидат официјални во заедница од околу 500 милиони луѓе. Подобра заштита на македонскиот јазик и кирилското писмо не може да се замисли од оваа меѓународна верификација. Еднаш засекогаш!“ порача премиерот Заев пред аудиториумот во МАНУ.
Премиерот Заев потенцираше дека договорот со Грција и позитивните ефекти од него, како поканата од НАТО и датумот за преговори со ЕУ ни даваат шанса да бидеме свои на своето, и рамноправна членка во најмоќната економска Унија во светот и најмоќниот безбедносен сојуз.
„Нашиот аргумент е дека со договорот од Преспа, со внатрешните реформи и со перспективата што ни се отвора со вистинскиот и единствен одговор на референдумот, добиваме јасни и дополнителни можности за развој. Тоа е од суштинска важност за нашата економија. Ја носиме Европа тука и создаваме можности. Избравме да чекориме храбро и одлучно кон иднината. Знаеме кои сме и што сакаме“, рече премиерот Заев во своето обраќање на конференцијата „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евро-атлантските интеграции на Република Македонија“, во организација на академијата и на Центарот за стратегиски истражувања кој работи во составот на МАНУ.
