АХВ ТВРДИ ДЕКА НЕМАМЕ КОНТАМИНИРАНИ СЕНДВИЧИ: соседите алармираат за заразена шунка со листерија
Во Македонија не треба да го има производот „сендвич со шунка“ за кој медиумите од соседството алармираа дека е заразен со опасна бактерија.
Денеска се огласи Агенцијата за храна и ветеринарство од каде посочија дека досега нема добиено нотификација преку Европскиот систем за известување за небезбедна храна и храна за животни (RASSF), дека на македонскиот пазар е пласиран сендвич со шунка од 500 грама со рок на употреба 31.05.2024 година, лот број 1413100, поради утврдено присуство на бактеријата листерија моноцитогенес.
- АХВ ја следи состојбата и доколку се јави потреба, во најкус рок, во интерес на заштита на здравјето на граѓаните, навреме ќе бидат преземени потребните мерки за евентуално повлекување на производот од пазарот - наведуваат од АХВ.
Надлежните власти во Србија и во Хрватска информираа дека се повлекува сендвичот со шунка од 500 грама со рок на употреба 31.05.2024 година, поради листерија моноцитогенес.
- Станува збор за шунка од словенечкиот производител Целјске меснине доо, лот број 1413100, а веледрогеријата е METRO Cash & Carri д.о.о. Производот не е во согласност со Регулативата на Комисијата (ЕЗ) од 15 ноември 2005 година за микробиолошки критериуми за храна, а известувањето се однесува исклучиво на наведениот производ - се наведува во соопштението од Државниот инспекторат на Србија.
Бактеријата Listeria monocytogenes предизвикува заразна болест листериоза, која може да доведе до предвремено породување и спонтан абортус во текот на бременоста. Листериозата може да влијае и на централниот нервен систем. Бактеријата се наоѓа во околината и во цревата на цицачите (освен луѓето), птиците, раковите и пајаците.
Оваа бактерија може да се размножува при прилично ниски температури на складирање (+4°C), а поради силната отпорност и високата концентрација на натриум хлорид, листеријата може да преживее различни процеси кои се користат во преработката на храната.
Контаминираната храна е главниот пат на пренесување на оваа бактерија од околината на луѓето.
Фото: Принтскрин/Твитер
