Агенцијата за храна и ветеринарство со засилени контроли пред Велигден
Агенцијата за храна и ветеринарство во пресрет на велигденските празници спроведува засилени контроли низ целата држава, поради зголемената побарувачка на јајца, бои за јајца, месо и други прехранбени производи. Акцијата е насочена кон спречување на небезбедни производи на пазарот и кон сузбивање на нелегалната трговија.
Под надзор се маркетите, угостителските објекти, специјализираните продавници за јајца, производителите и трговците со бои за јајца, нивните увозници, како и месарниците и зелените пазари. Инспекторите и официјалните ветеринари на терен проверуваат дали се исполнети условите за безбедност, правилно чување, складирање и означување на производите.
Посебно внимание е ставено на јајцата и боите за јајца, а АХВ најавува строга контрола и при увозот. Во соопштението се наведува дека „на местото на истовар, на физички преглед ќе подлежи секоја увозна пратка“.
Од Агенцијата апелираат граѓаните празничната трпеза да ја обезбедуваат од одобрени и регистрирани оператори, за да имаат сигурен пристап до безбедни и квалитетни производи.
