АХВ СО ВОНРЕДНИ ИСПЕКЦИИ НИЗ ГОСТИВАР: откриени бројни неправилности, но забраната за користење вода од водовод се почитува
Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во текот на вторникот, во Гостиварско спроведоа 70 вонредни надзори со кои беа опфатени кафе барови, пицерии, пекарници, слаткарници, сендвичарници, ќебапчилници, производство и пакување на овошје и зеленчук и други оператори со храна.
Акцент при контролите беше ставен на утврдување дали операторите од овој регион ја почитуваат донесената забрана на АХВ за употреба на водата од гостиварскиот водоснабдителен систем.
- Кај операторите не се утврдени отстапки во овој дел, односно, за послужување и за миење на садовите, работните површини и опремата, забраната се почитувала и се користела пакувана вода и безбедна вода во спроведувањето на работните процеси.
За послужување на гостите во угостителските објекти, утврдено е дека се употребуваат пластични и хартиени чаши и прибор - велат од АХВ.
Воедно додаваат дека се утврдените недоследности како неспроведени мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација кај 5 оператори, потоа неспроведени задолжителни здравствени прегледи на вработените кај 18 оператори, а затекнати се и 11 правни лица кои не се регистрирани како оператори со храна во АХВ, за што покрај парична казна изречена им е и времена забрана за вршење на дејноста до регистрирање.
- Двајца оператори утврдено е дека пуштале во промет небезбедна храна во количина од 18 килограми ( виршли, кисело млеко, јогурт, слајс салами, путер) кои се нештетно уништени.
За констатираните недоследности покрај наложеното спроведување на задолжителни здравствени прегледи за вработените лица кај операторите со храна, забрани за вршење на дејност (12), опомена и наредби за отстранување на недоследностите со контролите, изречени се и 30 парични казни во вкупна висина од 7.750 евра во денарска противвредност - нагласуваат од АХВ.
Додаваат дека во поглед на брзо надминување на состојбата со водата за пиење во овој регион и намалување на бројот на заболени лица, Агенцијата за храна и ветеринарство апелира до операторите и граѓаните да се почитува забраната за употреба на водата од градскиот водоводен систем, а секоја недоследност и непочитување на донесената забрана може да ја пријават лично во АХВ или во нејзините подрачни единици, електронски на info@fva.gov.mk, како и на бесплатната телефонска линија за потрошувачи 0800 3 22 22.