АХВ откри неправилности кај млечни производи, дел имале помалку млечна маст од декларираната
Агенцијата за храна и ветеринарство утврди неправилности кај дел од млечните производи што се продаваат на македонскиот пазар, по спроведени вонредни контроли во поголеми трговски синџири.
Официјалните ветеринари земале вкупно 91 мостра од млеко, млечни производи и сувомесни производи, од домашно производство и од увоз. Целта на контролите била да се провери дали квалитетот на производите одговара на податоците наведени на декларациите.
Засега се завршени лабораториските анализи за млекото и млечните производи. Од 45 анализирани мостри, кај 10 оператори биле утврдени отстапувања од прописите за квалитет. Според АХВ, кај дел од производите било утврдено дека содржат помал процент млечна маст од оној што бил наведен на декларацијата.
Најголемо отстапување било утврдено кај мостра од ситно сирење. Производот бил деклариран со 20 проценти млечна маст, но лабораториската анализа покажала дека содржи само 1 процент. За овој случај на операторот му е изречена казна од 3.500 евра во денарска противвредност.
Казни се изречени и за уште осум оператори, производители и увозници, кај кои била констатирана разлика меѓу декларираниот и реалниот процент на млечна маст. Тие ќе треба да платат по 1.050 евра во денарска противвредност.
Кај друг оператор било утврдено дека во производство на млечен производ користел растителни, односно палмини масти. За овој прекршок е изречена казна од 1.300 евра во денарска противвредност. Спорниот производ, во количина од 500 килограми, бил повлечен од промет и уништен на депонија.
Од АХВ најавуваат дека засилените инспекциски контроли кај производителите и трговците со млечни производи ќе продолжат и во следниот период. Резултатите од анализите на сувомесните производи дополнително ќе бидат објавени.
