АХВ: Николовски собира ситни политички поени и шири паника
Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во реакција на тврдењата на техничкиот заменик министер за земјоделство, Љупчо Николовски дека се продава алкохол со висока содржина кофеин пишуваат дека некомпетентно и нестручно толкувал резултати од лабораториски анализи од Институтот за јавно здравје.
Велат дека Николовски со пласирање невистини свесно ги довел во заблуда граѓаните и родителите. Според АХВ,Николовски се води од интерес за собирање ситни политички поени, со елементарна неспособност ги чита прописите за безбедност на храната и шири паника, сакајќи да ја урне довербата на граѓаните во институциите на системот и несвесно сее страв за здравјето на потрошувачите. Прописите, нагласуваат од Агенцијата за храна, се јасни, недвосмислени и важат еднакво за сите.
„Согласно Правилникот за начинот на означување на храната (Службен весник на РМ број 118 од 2005 година), кој е комплетно усогласен со европските правила за означување на храната, кој беше на сила во моментот кога е увезен пијалокот, кој само за Николовски е небезбеден. Во него, во членот 19 јасно е дефинирано дека пијалоците кои содржат и кофеин од кој било извор, во количина поголема од 150 милиграми на литар, потребно е само да се означат со ознаката „висока содржина на кофеин“ што е сторено и во конкретниот случај, односно, ваквото означување и тогаш било истакнато на производот кој се извезува и на пазарите во Европската унија“ - реагираат од АХВ.
