АХВ идната недела ќе ги објави млекарниците кои манипулирале со составот на производите
Агенцијата за храна и ветеринарство(АХВ) најави дека дури идната недела ќе ги објави имињата на млекарниците и операторите кај кои биле утврдени манипулации со декларациите, по силните реакции на јавноста за квалитетот на производите.
Директорот на АХВ, Оливер Миланов, изјави дека безбедната храна не е привилегија, туку основно право на секој граѓанин, но и покрај тоа не ги соопшти компаниите што биле предмет на јавна дебата по објавите дека продавале производи со намален квалитет и состав различен од декларираниот.
Според Миланов, станува збор за производи што се безбедни, но проблемот е во нивниот намален квалитет. Тој посочи дека се работи за 10 македонски компании, од кои две се занимаваат со увоз. АХВ најавува засилени контроли, кои овојпат нема да бидат насочени само кон маркетите, туку и кон производствените капацитети.
