АХМЕТИ: Зошто избори ако македонска партија одлучува кој ќе ги претставува Албанците?
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети денеска праша зошто се изборите ако македонска партија одлучува кој ќе ги претставува Албанците и другите заедници.
Претседателот на ДУИ и на коалицијата Европски фронт, Ахмети денеска на прес-конференција во седиштетото во Мала Речица изнесе категорично тврдење дека коалицијата „Вреди“, како поразена на изборите, со влегувањето во влада на ВМРО-ДПМНЕ го погази принципот за поседување легитимитет кај Албанците и урна дел од принципите на Охридскиот договор. Ахмети рече дека легитимитетот добиен од Албанците и другите заедници не го почитува ВМРО-ДПМНЕ.
Ахмети нагласи дека Европскиот фронт и албанската опозиција „Вреди“, во декември лани и јануари годинава заеднички се договориле и потпишале декларација за невлегување во владино партнерство без уставни промени и гаранција за европскоиот пат.
„Ние на 8 мај добивме 19 пратеници, албанската опозиција 13 пратеници. И во апсолутен број на гласови опозицијата е поразена. На претседателските избори ги победивме со разлика од 40.000 гласови, додека на парламентарните со над 31.000 гласови и со 6 пратеници повеќе. Поразени се во две третини од општините, ние победивме во 20 општини каде гласаа Албанци и други заедници, тие во само шест општини. Го немаат легитимитетот од суверениот, од граѓанинот, но одеа подалеку и ја игнорираат волјата на народот, го игнорираат Охридскиот договор. Не покажаа трошка почит кон гласачите, кон тие што гласаа за квалитативни промени во нашата држава“, рече Ахмети.
Тој вели дека добивал прашања од граѓаните кое е тогаш значењето на демократијата.
Kaко што кажа Ахмети, новата политичка практика да се одбира „вазалот“, „нè враќа во времето пред повеќе од две децении кога заедниците беа дискриминирани, третирани како граѓани од втор ред и кога не се почитуваше волјата на демократскиот глас на заедниците, туку други одлучуваа наместо нас“.
