АХМЕТИ ЗА ИМЕТО: Да се реши со компромис и на начин што нема да предизвика поларизации
Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети денеска во Мала Речица изјави дека спорот за името со Републука Грција треба да се реши со компромис и на начин што нема да предизвика поларизации во општеството.
Ахмети вели дека идејата за референдум нема да придонесе во таа насока. Тој се залага за вклучување на опозицијата во процесот и за поширок консензус.
„Јас имам информации дека опозицијата е заинтересирана овој проблем да се реши. Има разлики, но очекувам тие да се намалуваат. Комуницирам со двете страни, како со власта така и со опозицијата, за тоа како да се стаса до решение на ова прашање“- изјави Ахмети.
Лидерот на ДУИ посочи дека сегашната опозиција е заинтересирана за решавање на спорот со името, а ставот дека се за НАТО и ЕУ го реафирмирале и на Конгресот.
Според него, посредникот Метју Нимиц треба посилно да се ангажира со помош на ОН и сите пријателски држави, а од наша страна зависи како ќе се договори тој компромис и што понатаму.
Грчките медиуми во последно време пишуваа и за предлози како Нова Македонија, Горна Македонија, Северна Македонија, па дури и Централна република на Балканот.
