АХМЕТИ ЗА ГРУБИ И БАЈРАМИ: Сигурно не се на места далеку од регионот, но не сум јас тој кој треба да ја открие нивната локација
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, денеска изјави дека нема контакт со поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на Државната Лотарија, Перпарим Бајрами, кои полицијата ги бара со меѓународна потерница. Ахмети рече дека не е негова работа да ја знае нивната локација.
„Јас не работам ниту во обвинителство, ниту во истражните органи, сигурно тие не се на места далеку од регионот, но не сум јас тој кој треба да ја открие нивната локација. Не, немам комуникација“, рече Ахмети.
Груби и Бајрами се осомничени дека се соучесници во кривично дело „Злоупотреба на службената положба“, за што се предвидени најмалку четири години затвор. Како што објави Обвинителството, направена е штета од над 500 милиони денари.
