АХМЕТИ: Oвој ден потсетува кога „Слободан Милошевиќ ја задушуваше автономијата на Косово“
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети денеска изјави дека овој ден го потсетува на 1989 година, кога „Слободан Милошевиќ ја задушуваше автономијата на Косово“.
Ахмети и Зијадин Села од Алијансата за Албанците се појавија пред зградата на Уставниот суд додека траеше седницата за Законот за употреба на јазиците. Ахмети рече дека не се собрале да се тепаат, туку да го слушнат гласот на разумот.
„Денес овој едностран суд треба да ги отфрли 13-те иницијативи за сузбивање на албанскиот јазик. Тоа би била нивна најмудра одлука бидејќи таму се етнички чисти, без присуство на поголемата албанска заедница и третата турска заедница. Сакаме мир, стабилност, дојдовме како семејство. Не дојдовме да се судриме, туку да го слушнеме гласот на разумот“, вели Ахмети само на албански јазик, при што не се обрати на македонски.
Подготвителната седница за Законот за јазиците би се одржала на почетокот на март, а одлучувањето во мај, најави претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
Ова, како што вели тој, е дел од постапката во која ќе бидат вклучени најеминентните стручњаци по уставно право и меѓународни стандарди, со цел, како што рече, да се судрат аргументите пред граѓаните, но не и пред политичарите, оти пред нив, според него, што и да се направи не би сакале да ги согледаат аргументите.
