Ахмети не е против една изборна единица, но има услов
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети ќе има дополнителни средби со премиерот Христијан Мицкоски, затоа што на лидерската средба што се одржа денеска во Клубот на пратениците не стасале да дискутираат за сите прашања.
„Останаа недоразгледани повеќе точки за кои сакав да разговараме, некои теми останаа неапсолвирани. Разговаравме за членството на Македонија во Европската Унија, тоа е прашање на кое сите мора да се ангажираме со голема посветеност. Премиерот нè извести за неговите средби и разговори со претставниците на меѓународната заедница. Ние сме на располагање да помогнеме со цел нашата земја да го заземе заслуженото место во ЕУ. Во врска со изборот на народниот правобранител, тоа е прашање за кое треба да се заземе став и да се реши и ќе има дополнителни консултации со координаторите на пратеничките групи, за да се најде решение. За остатокот од прашањата кои имав замислено да ги покренам, одлучивме дополнително да се сретнеме со премиерот Христијан Мицкоски на тет-а-тет средби“, рече Ахмети.
Зборувале и за една изборна единица.
„Ние не сме против, ама ние сакаме една изборна единица со отворени листи и минимален изборен праг од 5 отсто. Треба да се разгледаат и модалитети за гласање на дијаспората“, изјави Ахмети.
Во врска со укинувањето на техничката влада, додаде, треба да се консултираме со европските партнери кои учествуваа во процесот со кој беше воведена т.н. пржинска влада.
фото Фејбук/Христијан Мицкоски
