Ахмети е оптимист, вели дека Македонија за 3-4 години ќе влезе во ЕУ
Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети е оптимист и вели дека за 3-4 години ќе влеземе во Европската Унија(ЕУ).
Aхмети рече дека треба да се направат уставни измени, но и да има помирување. Вели дека иднината на идните генерации е на прво место.
„Не креваме бело знаме. Поминавме многу соочувања и тешкотии и постигнавме успешно да ги завршиме важните поглавја за државата и за стабилноста. И најголемите оптимисти не мислеа дека некогаш ќе влеземе во НАТО, па еве сега тоа е реалност. Ако некогаш сте помислиле дека ни се потребни 10 години за членство во ЕУ, сега јас верувам дека за 3 до 4 години ние ќе бидеме членка на ЕУ. Околностите се сменија во наша полза“, рече Ахмети.
Претходно, македонските политичари говореа за тоа дали е реално Македонија до 2030 година да влезе во ЕУ. Дел од европските политичари рекоа дека прво државите од Западен Балкан ќе влезат во ЕУ, а потоа Украина. Инаку, Македонија треба да ги внесе Бугарите во Уставот за да продолжи да преговара со ЕУ. Процедурата за уставните измени ќе се реализира идните месеци. Сепак, пораките од ЕУ се дека Македонија мора да се посвети на реформите.
