Ахмети добил зелено светло да преговара со Заев
Според засега сеуште неофицијални информации членството на ДУИ му дало зелено светло на лидерот Али Ахмети да започне преговори со Зоран Заев за формирање на нова владина коалиција со цел побрзо да се соберат најмалку 61 потпис од пратеници кои ќе му бидат приложени на Ѓорге Иванов.
На овој начин претседателот на државата ќе мора да им го даде мандатот со нов рок од 20 дена во кој ќе треба да се утврди составот на новата влада и платформата до Собранието на Република Македонија.
Претходно БЕСА и Алијанса на Албанците посочија дека се подготвени да му дадат поддршка на Заев да го добие мандатот.
Тоа што не е познато е какви барања ќе му бидат испорачани на лидерот на СДСМ и што тој ќе прифати со оглед на тоа дека преговорите меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ завршија со неуспех. Засега ниту двете партии не откриваат што било предмет на политичките барања.
СДСМ исто така посочи дека нивните активности ќе зависат од новите услови кои ги наметна претседателот Иванов кои се непринципиелни и со нив се врши диксриминација бидејќи на Груевски му беше доделен мандатот без никаков доказ за парламентарно мнозинство.
