Ахмети: Албанците не се индиферентни, ќе дадат придонес за решавање на спорот со името
Али Ахмети лидерот на ДУИ, на денешната средба со медијаторот во спорот меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц утрово, посочи дека и Албанците во земјава ќе дадат свој придонес за надминување на пречките за членство во НАТО и Европската Унија.
Според Нимиц, Ахмети го охрабрил да продолжи со преговорите за името затоа што сметал дека спорот треба да се реши и притоа му дал, како што рече медијаторот, мудри размисли како да се направи прогрес. Ахмети, пак, рече дека Албанците се дел од оваа држава, дека не биле индиферентни кон спорот и затоа таму каде што треба ќе дадат придонес.
- Многу е значајно да најдеме решение за овој проблем којшто веќе двесет години не изнаоѓа пат за конечко решение. Исто така, тоа е и порака за сите граѓани на Република Македонија затоа што посетата на господинот Нимиц значи дека прашањето на овој проблем е на значајно место на агендата за конечко решение и тоа сега ќе зависи од сите политички актери, односно колку ќе успееме да го материјализираме тоа и да најдеме едно конечко решение - вели Ахмети.
