Агим Нухиу најави казна за одговорните полицајци во Струга
Агим Нухиу, заменик-министерот за внатрешни работи, објави дека ќе има казни за струшките полицајци и одговорност за надредените кои дозволиле масовен собир за време на Литијата во Струга по повод верскиот празник Св.Ѓорѓија.
„Владините мерки и протоколи во врска со ковид-19 не се почитувани во вчерашниот религиозен настан во Струга! Почна постапката за одредување на одговорност. Ќе има одговорност!“, напиша меѓудругото Нухиу.
Струшкото јавно обвинителство побара од полицијата да се идентификуваат и повикаат организаторите на вчерашната Литија во Струга во која масовно зедоа учество голем број на граѓани во период кога се забранети јавни собири.
За масовниот верски собир во Струга, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вчера вечерта рече дека настанот очигледно не бил добро организиран и дека денеска ќе спроведат истрага.
