Агенцијата против Антикорупциска за исплатата на лозарите
Платежната агенција за поддршка на земјоделството и руралниот развој излезе со реакција по одлуката на Комисијата за спречување на корупција да го прифати приговорот во предизборниот период дека е нерегуларно да се исплаќаат 77 мииони денари на лозари кои не добиле пари од откуп од две приватни винарии во стечај. Аргументите на ДКСК се дека оваа агенција требало да направи исплата според програмата, односно до 7 февруари пред распишувањето на изборите. Од агенцијата пак тврдат дека тоа не е потребно, бидејќи тоа ограничување е укинато од Уставен суд. Антикорупциска донесе одлука да се поведат мерки на одговорност.
„На 4 февруари 2019 година, Собранието ги усвои измените на Законот за земјоделство и рурален развој, со што се исполни и правниот основ за државата да ги обештети лозарите. На 7 февруари 2019 година, на вонредна седница, Владата ја донесе предлог Одлуката за утврдување на обештетувањето како мерка за исплата за продадено винско грозје. Овие Одлуки се донесени пред распишувањето на претседателските избори. Со оваа исплата не се покриваат долговите на приватните фирми кон лозарите, туку оваа исплата претставува субвенција од страна на државата за да се ублажи штетата која ја претрпеле лозарите со неисплаќањето на средствата од страна на винарниците. Со оваа интервенција не престанува обврската на приватните фирми за целосна исплата на долгот што го имаат винариите“, се вели во соопштението на агенцијата.
Од таму велат дека Уставниот суд на ден 17 мај.2017- та ја укинал одредбата од Изборниот законик за забрана за исплата на субвенции.
„Во образложението на одлуката на Уставниот суд се наведува дека забраната за исплата на субвенции е ограничување на правата на граѓаните корисници на субвенции и нивното легитимно очекување дека дел од вложените средства во нова реколта ќе им биде вратена преку субвенции. Со утврдување на забраната за исплата само на субвенциите кои не се редовни месечни исплати, овие корисници на државна помош се ставени во нееднаква положба со останатите корисници на државна помош, поради што оспорената одредба исто така не е во соглсност со уставното начело на еднаквост на граѓаните од членот 9 од Уставот на Република Северна Македонија. Ова неправедна ситуација во која беа доведени земјоделците беше основна причина за Одлуката на Уставен суд со кои се укинаа одредбите од Изборниот законик кои ја забрануваа исплата на субвенции во изборен период“, дополнуваат од агенцијата.
