Агелер: Справувањето со корупцијата во Македонија, приоритет за САД во 2023
Амбасадорката на САД во Скопје, Анџела Агелер, на прес-конференцијата со министерот за надворешни работи Бујар Османи, по повод почетокот на претседавањето на Македонија со ОБСЕ, како одговор на новинарско прашање рече дека борбата со корупцијата останува приоритет број еден за американската дипломатија во земјава во 2023.
Инаку советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле во среда пристигнува во Македонија, соопшти американскиот Стејт департмент. Според соопштението, на 11 јануари тој пристигнува во Скопје со посебна меѓуагенциска делегација, која ќе се сретне со владини претставници на разговори за низа прашања, вклучително енергетиката, економијата и борбата против корупцијата.
Шоле потоа ќе отпатува во Приштина, на средби со тамошната влада, политичките лидери и граѓанското општество.
„Со Шоле ќе се дискутираат заедничките приоритети, а борба со корупцијата ќе остане примарна за Вашингтон и ќе покрене неколку прашања при посетата оваа недела. 2023 ќе биде една многу букирана година“, рече Агелер како одговор на новинарско прашање.
Министерот Османи се надоврза дека еден од инструментите на САД, во договорена рамка со Скопје, во борбата против корупцијата, ќе биде проширувањето на црната листа за санкционирање.
„Стратешки дијалог со САД е рамка за заедничка соработка и во делот на борбата со корупцијата, тоа е договорена платформа и секоја нивна поддршка е добредојдена. На нив е да видиме како ќе ја дадат таа поддршка. До сега беше со експертска обука и најава има сега за листа на санцкии и тоа е во рамки на договорена соработка и во интерес на правото на Северна Македонија“, наведе шефот на македонската дипломатија.
