Економија, финансии, бизнис

Контакт

Агелер: Листата ќе се проширува, земјава се соочува со епидемија од корупција

Агелер: Листата ќе се проширува, земјава се соочува со епидемија од корупција

Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер денеска изјави дека постојат различни начини и во различни етапи за да се изрази незадоволството на лицата кои САД ги ставаат на „црната листа“. Таа денеска за време на посета на Криволак одговараше за новинарски прашања во врска со најавите на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев дека ќе ја обжали одлуката на Стејт департментот. Таа повтори дека листата ќе се проширува со нови лица, но не кажа кога и со кого, нагласувајќи дека не може да предвиди што ќе одлучи Вашингтон.

- Има различни етапи и различни начини на кои луѓето кои се наоѓаат на „црната листа“ можат да пријават незадоволство но во секој случај ние имавме најавено санкција. Оваа санкција е воведена и ова не е нешто што лесно го прифаќаме и лесно го спроведуваме, но сепак ги следиме позитивните законски прописи на САД при воведувањето на ваквите санкции. Сите ве уверувам дека ќе има и други имиња. Нема конкретна временска рамка кога ќе се објават - рече Агелер, додавајќи дека во земјава има епидемија на корупција, која треба да биде спречена.

Американскиот Стејт департмент во вторникот објави дека го означува Кочо Анѓушев како генерално неподобен за влез во Соединетите Американски држави, поради неговата вмешаност во значителна корупција.

Оваа ознака, посочуваат од Стејт департментот, ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ.

Агелер се огласи истиот ден преку платформата X, нагласувајќи дека именувањето на Кочо Анѓушев е уште еден доказ дека САД ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во земјава и во регионот, без разлика на нивната позиција, политичка определба или времето на злоупотребите.

Анѓушев, пак, во соопштение до медиумите ги негираше сите сомневања изразени од Стејт департментот и најави дека ќе ја обжали одлуката. Тој, исто така, посочува дека има фирми и во САД, и како што вели, е американски даночен обврзник.

- Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт Департментот и сакам да известам дека ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ во правец на повлекување на оваа одлука, која ја сметам за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, САД, за борба против корупцијата - наведе Анѓушев.

Фото: Притнскрин/Фејсбук

Слично

Поврзани вести