Економија, финансии, бизнис

Контакт

Аерозагадувањето и иселувањето сотреа вековен занает во струмичко

Аерозагадувањето и иселувањето сотреа вековен занает во струмичко

Поради аерозагадувањето, но и иселувањето надвор од Македонија, во струмичкото село Костурино полека, но сигурно згаснува еден од најстарите занаети, производството на вар.

Ако порано секоја куќа во селото се занимавала со овој тежок занает, денес на прсти се бројат луѓето кои произведуваат вар, и во многу помали количини, од причина што нема доволно дрва за горење, а не гуми жителите не смеат да прават вар, затоа што воздухот се загадува. Мештаните од Костурино раскажуваат дела занаетот го учеле од своите предци, и дека тоа е макотрпна работа.

„Процесот е многу тежок додека да се добие вар. Се вади камен, се реди во варница, потоа се пали, и треба да поминат две недели додека да се добие производот. Тоа е напорна и валкана работа. Тоа не е нешто ново, напротив занаетот го знаеле нашите прадедовци, дедовци, и го пренесувале на помладите“, вели Влатко Чирков, жител на Костурино, член на фамилија која порано произведувала вар.

Но, денес младите бараат излез од тешката економска ситуација, така што овој занает за нив не е опција. Со бугарски пасоши заминуваат на Запад, а селото се празни.

„Има многу празни куќи во селото, овде остануваат да живеат пензионерите. Инаку, во 80-те години производството на вар имаше процут, затоа што во тој период се градело и имало потреба од вар. Нема место каде не сме носеле вар, така што варот од Костурино освен по македонските градови, завршувал и во Врање, Владичин Хан, на Косово, во Витина, Гњилане“, додава Чирков.

Варот денес има многу ниска цена, а од негово производство може само да се преживее, односно да се заработи една  плата.

Жителите на ова село се занимаваат и со производство на тутун. Да се определат за некоја друга култура не можат, оти немаат систем за наводнување.

Пред два месеци имаше реакција од невладините организации дека палењето гуми за производство на вар, енормно го загадува воздухот. Општинскиот и државниот инспектор за животна средина во септември годинава поднесоа шест прекршочни пријави против лица од селото Костурино поради горење гуми.

Ланската сезона имаше периоди кога и Струмица беше високо загадена.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести