АЕРОСОЛИЗАЦИЈАТА ИМА ЕФЕКТ, АМА КРАТКОТРАЕН: Kaко правилно да се применува?
Аеросолизацијата треба да се прави често и во сите загадени градови во Македонија, за да се обезбеди почист воздух за граѓаните, советуваат од невладината „Еко жена“ од Битола.
Од оваа организација сметаат дека греењето на дрва во зимата сезона и големиот број автомобили придонесуваат за екстремно загаден воздух.
„Аеросолизацијата не верувам дека ќе има некој голем ефект, тоа ќе биде минимално намалување на загаденоста, но треба да се прави редовно и во сите градови каде е констатирано дека има загаден воздух, да се направат мерења и да се види ефектот. Во нашиот град секоја куќа им по два –три автомобили, тоа се претежно стари возила и загадуваат“, вели Љубица Балојани, претседател на „Еко жена“ од Битола.
Биологот Нестор Јаулески од Струга вели дека аеросолизацијата само моментално ќе има ефект, затоа што со прскањето ќе се апсорбираат штетните честички, но долгорочно треба да се мисли како со други мерки да се намали загадувањето.
„Аеросолното прскање има краткорочен ефект, и потребно е да се има в предвид во денови кога има висока загаденост. Но, долгорочно тоа е неодржливо. Инаку, загадувањето ќе придонесе да се уништат одредени раститенија кои се чувствителни, а за животните нема да биде толку лошо затоа што тие мигрираат“, додава биологот.
Светлана Станојковска, екологист од Пробиштип вели дека при аеросолизацијата многу е важно каква вода се користи.
„Аеросолизација или предизвикување на вештачки дожд се користи при енормни загадувања на воздухот. Дава добри резултати за кратко време, а вредностите на ПМ честичките се намалуваат и секако аерозагадувањето се намалува. При овој процес важно е да се знае каква вода се користи, исправна или техничка вода. Треба да се знае какви соли се користени во комбинација со водата заради можни реакции отпосле. Пред една година чинам или две во Кавадарци се вршеше аеросолизација со добри ефекти и се покажа дека се прскало само со вода. Овој процес е дискутабилен“, вели таа.
Аеросолизацијата веќе ја применува Општина Куманово, каде деновиве имаше загаденост неколку пати над дозволеното, а како извор на загадувањето беше наведено дека е загревањето на болницата. Оваа мерка се применуваше и лани. Деновиве и Скопје беше меѓу најзагадените градови во светот. Севкупно балканските градови како Скопје, Приштина, Сараево се лидери во светот по загаден воздух.
Сања Атанасовска