Аеродром „дух“ проголта над милијарда евра: Заврши со финансиски колапс
Аеродромот Сиудад Реал Централ во Шпанија, некогаш замислен како голем европски транспортен центар и алтернатива на пренатрупаниот мадридски „Барахас“, денес се смета за еден од најголемите инфраструктурни промашувања во Европа. Отворен во 2008 година како прв приватен меѓународен аеродром во Шпанија, овој проект требаше да привлече нискобуџетни авиокомпании, карго-сообраќај и дел од меѓународните патници. Клучен аргумент беше близината до Мадрид и планираната брза железничка врска AVE, која требаше да овозможи пристигнување до центарот на главниот град за помалку од еден час. Сепак, токму железничката поврзаност никогаш не беше реализирана, што се покажа како една од најголемите слабости на проектот. Инвестицијата изнесувала околу 1,1 милијарда евра, а аеродромот располагал со писта долга 4.100 метри – доволна за најголемите патнички авиони, вклучително и Airbus A380. Капацитетот бил проектиран за околу два милиона патници годишно, со можност за проширување. Но, реалноста била сосема поинаква. Аеродромот не успеал да привлече доволно авиокомпании и патници, па во одредени периоди имал само неколку летови неделно. Финансиските проблеми брзо се натрупале, а веќе во 2012 година проектот банкротирал и практично престанал со работа. Во 2015 година, при судска продажба, кинеска компанија понудила само 10.000 евра за аеродромот – сума што судот ја одбил како апсурдно ниска. Една година подоцна, сепак бил продаден за околу 56 милиони евра – далеку под вложените средства. Денес, наместо милиони патници, аеродромот најчесто се користи за паркирање и складирање на авиони, одржување на флоти, како и за снимање филмови и реклами. За време на пандемијата со ковид-19, доживеа краткотраен „подем“, кога десетици авиони на компании како „Луфтханза“ и „Иберија“ беа приземјени токму таму. Сиудад Реал денес често се наведува како школски пример за неуспешен инфраструктурен проект, настанат во период на прекумерен оптимизам и лесен капитал пред финансиската криза во 2008 година. Наместо да стане европски авио-хаб, остана симбол на погрешни процени и скап промашувачки проект во модерната историја на Шпанија.
