АДВОКАТОТ ПОДНЕЛ ЖАЛБА: Груби побарал укинување на притворот
Екс вицепремиерот, Артан Груби, се жали на решението за притвор. Жалбата за укинување на 30 дневниот притвор е поднесена денеска до Кривичниот суд. Ja поднел адвокатот Владимир Доневски. Мерката е одредена заради опасност од бегство и влијание врз сведоци, а притворот ќе стане ефективен веднаш штом Груби ќе биде достапен за органите на прогонот.
Уште пред да дознае дека е осомничен за криминал вреден 8 милиони евра, Груби објави дека е на Косово и дека планира да се врати во земјава.
Жалба со која се бара укинување на притворот најави и бранителот на Перпарим Бајрами. Според одбраната, тој не побегнал од Македонија, туку подолго време живеел и работел во странство. Адвокатот Антонио Апостолски тврди дека досега не контактирал со клиентот, а полномошно да го застапува добил од семејството на Бајрами.
Груби и Бајрами од вчера се ставени на меѓународна потерница откако полицијата не успеа да ги пронајде на нивните адреси во државава. Двајцата се осомничени за Проневера во службата. Според истрагата, тие набавиле апарати за коцкање иако двајцата знаеле дека Државната лотарија нема дозвола самостојно да приредува игри на среќа. Набавката ја иницирал Бајрами, а одлуката е донесена на седница на Влада со која раководел Груби. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски преку видеоизјава реагираше, на изјавата од портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, дека има „сериозни индиции за вмешаност на МВР и Тошковски во бегството.
Според Тошковски, полицијата ги обезбедила сите докази и доставила известување до Обвинителството, а кривична пријава ќе биде поднесена по консултација со обвинителот. Тој додаде дека против полицискиот службеник е изречена суспензија и дека не го познава лично.
