Адвокатот на напаѓачот на Пендиков: Имало страшно брзање да му поднесат обвинение
Адвокатот на Илија Спасески, наводниот напаѓач на Христијан Пендиков во Охрид, по денешното рочиште во изјава за медиумите рече дека обвинението било поднесено со брзање под политички притисок. Следното рочиште кога и самиот Пендиков треба да даде исказ е закажано за 12 јули.
Адвокатот Димитар Цобоски ги немал, како што рече, сите докази на разгледување, ва додаде и дека во меѓувреме имало измени во извештајот од медицинското вештачење.
– Имало страшно брзање да се поднесе обвинение. Иако и тогаш можеле да се обидат да направат прочистување на снимката, но не успеале, сепак поднеле обвинение и сега дополнително предлагаат докази. Тоа не може така, наведе Цобоски.
Тој додаде дека основно право на одбраната е да ги има сите докази
- Не може ако има измена на медицинското вештање ние да не знаеме што да прашаме. Јас претпоставувам што има во тој извештај и се прашувам зошто Пендиков од болницата „Свети Еразмо“ во Охрид наместо на максилофацијална хирургија во Скопје е однесен со владин авион во Бугарија, рече адвокатот.
Тој е убеден дека ова е политички случај.
– Од еден случај Пендиков се направи меѓународен и европски проблем. Истата вечер имало и друг настан каде што бил претепан човек од повеќе извршители, но тој случај не излезе во јавноста. За да не биде одлуката политичка тука сме ние бранителите и ќе се бориме за примена на законот. Ако врз основа на доказите се докаже дека е виновен, ќе си одговара тој што е виновен. Но, во обвинението стои против н.н. и тоа покажува се во овој случај, истакна Цобоски.
