АДВОКАТОТ ЧИЈ КЛИЕНТ БИЛ УБИЕНИОТ ОХРИЃАНЕЦ: Којзнае уште колку Палчовци чучат во темни подруми
Адвокатот Војо Димоски, кој бил правен застапник на убиениот Климе Митрески oд Охрид, остро реагираше и посочува на сериозни системски слабости и небезбедност во општеството.
„Покојниот Климе Митрески, жртвата на убиството во Охрид, ми беше клиент уште од првите денови на мојата адвокатска пракса. Никој не заслужува да го заврши животот на таков начин“, напиша Димоски.
Тој во својата реакција посочува дека состојбите во државата се загрижувачки, обвинувајќи за отсуство на систем и институционален капацитет.
„Чудо едно е во каква средина се има претворено оваа наша Македонија, која наизменично им ја доверуваме на владеење на луѓе на кои не би им ја довериле ни главата на шишање“, наведува адвокатот.
Димоски тврди дека поради нефункционалноста на системот, опасни лица не само што остануваат на слобода, туку и се организираат.
„Поради отсуството на систем, не само што психопатите се на слобода, туку истите се организираат во полулегални милитантни секти. Којзнае уште колку Палчовци чучат во темни подруми“, пишува тој.
Во реакцијата, тој упатува критика и кон институциите, посочувајќи дека постои недостиг на јасни приоритети во борбата против криминалот.
„Листата на задачи кои премиерот му ги издиктира на државниот обвинител укажува на немањето компас за приоритетите на борбата со криминалот“, наведува Димоски.
Сепак, тој завршува со порака дека одговорноста не е само кај поединците.
„Ама пак ќе речам: не се тие криви“, напиша адвокатот Војо Димоски по убиството на Климе Митрески.
Осомничен за убиството е Жарко Грозданоски, лидерот на Христијанско братство. Тој го задавил охриѓанецот кој сакал да го раскине договорот за доживотна издршка склучен со него. Според медиумите, имотот на охриѓанецот вредел над милион евра.
