Економија, финансии, бизнис

Контакт

Адвокат Драган Поповски за „амнестијата“: Немало ваков случај во законодавната пракса

Адвокат Драган Поповски за „амнестијата“: Немало ваков случај во законодавната пракса

Адвокатот Драган Поповски, кој наедно е дел од одбраната на обвинетите во случајот „Имерија“ на СЈО, за „Фактор“ вели дека не постоело досега во законодавната пракса да се намалуваат казните во Кривичниот законик наменски за посебни групи.

- Вакви измени се носат само кога ќе зачестат одредени кривични дела во целокупното општество и во тој случај се одредуваат повисоки санкции за да се неутрализира таквото однесување. Во овој случај станува збор за намалување на казните и тоа за посебни одредени групи, што не се случило во познатата практика кај нас - вели Поповски.

Тој смета дека усвоените измени и најавата за нивно изгласување е политички мотивирано.

- Станува збор за политички мотив и најден е начин како полесно да се истргува со посебни човечки судбини. Станува збор за специјална намена, а не за долгорочно решение - ни изјави Поповски.

Денеска собраниската Комисија за политички систем ги усвои измените на Кривичниот законик предложени од група пратеници од владејачкото мнозиснтво, а кои се однесуваат на членот 275-в за висината на казната.

„За“ гласаа пратениците од СДСМ, ДУИ и од независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ. Пратениците од ВМРО ДПМНЕ ја напуштија Комисијата.

Со измените на Кривичниот законик во член 275 се намалува затворската казна за дела поврзани со злоупотреба на јавните набавки, а според некои толкувања со овие измени обвинетите можат да добијат и условна казна и да се намали рокот до кога застарува делото.

Се верува дека пратениците од владеачкото мнозинство делуваат во обид да се осигураат помали санкции или ослободување од одговорност на Василие Авировиќ, син на пратеничката Владанка Авировиќ, како и поранешните владини функционери Елизабета Канческа-Милевска, Гордана Јанкулоска и Владимир Пешевски.

A.K.

Слично

Поврзани вести