Економија, финансии, бизнис

Контакт

Административците ќе одат во смени на работа

Административците ќе одат во смени на работа

Владата на Република Македонија на денешната седеница донесе одлука да се воведе флексибилно работно време на сите вработени во државната управа, а во одредени институции и двосменско работно време, соопшти министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски.

Одлуката ќе се применува од 1 септември. Со неа се утврдува дека почетокот на работното време ќе биде меѓу 7:30 и 8:30 часот, а завршувањето меѓу 15:30 и 16:30 часот со вкупно времетраење на работниот ден од 8 часа.

Манчевски потенцира дека како што беше најавено во Програмата на Владата, со оваа одлука исто така се регулира и двосменското работење на одредени институции, како што се Управата за јавни приходи, Царинската управа, Управата за водење на матични книги, Министерството за внатрешни работи, подрачните отсеци во Секторот за управно-надзорни работи, во Одделот за граѓански работи, Министерството за одбрана – одделенијата за одбрана на регион со градовите и општините во состав. Работното време во овие институции ќе се одвива од 7:00 до 14:30 часот и од 14:00 до 21:30 часот, како и првата сабота во месецот со време на работа од 8:00 до 16:00 часот.

Министерот Манчевски информираше дека оваа одлука следува по серијата консултации со граѓаните и со претставниците на невладиниот сектор и синдикатите.

– Ова е една од мерките коишто Владата ќе ги преземе  во насока на овозможување подобри услови за вработените во јавната администрација. Исто така, со оваа мерка сакаме да им излеземе во пресрет и на родителите коишто во различно работно време почнуваат со работа. Очекуваме оваа мерка да придонесе кон намалување на сообраќајните гужви особено во големите градови пред почетокот и по завршувањето на работното време, рече министерот Дамјан Манчевски.


Слично

Поврзани вести