„АДМИНИСТРАЦИЈАТА БЕШЕ ПАРТИСКИ ПЛЕН, ПОВЕЌЕ НЕМА ДА Е ТАКА“: Мицкоски вели дека администрацијата ќе биде професионална и ќе работи за граѓаните
Реформите не се само зборови во програма, туку дела што се гледаат и чувствуваат. Нема модерна држава без модерна администрација, нема напредна економија без функционален јавен сектор. Нема доверба во институциите без професионални, одговорни и мотивирани службеници, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Кога велиме, инвестиција во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор, тоа не е само слоган, тоа е наша визија и обврска пред граѓаните. Јавната администрација е темелот на државата - таа сте вие, луѓето кои секојдневно го носат товарот на институциите. Вашата работа е лицето на државата, вашиот став е впечатокот кој граѓаните кои добиваат за институциите. Овој прв циклус на генерички обуки со 600 учесници од локално и централно ниво е доказ дека оваа влада не се плаши од промени, туку истите ги носи. Обезбедивме врвни меѓународни обучувачи, современи програми и методологии кои не само што го пренесуваат знаењето, туку ја менуваат и културата на работењето“, рече Мицкоски.
Обвини дека претходната влада ја оставила администрацијата демотивирана, носејќи страв и реваншизам. Смета дека тоа време завршило.
„Неодамна, јавната администрација беше сведена на политички плен. Наместо развој - партизација, наместо мотивација - страв и реваншизам, наместо обука - клиентелизам. Претходната влада ја остави администрацијата демотивирана, со нарушена доверба, со луѓе кои се чувствуваа оставени на цедило. Чекавме со години за нормални системи за обука, а резултатите беа стагнација и загубени генерации на службеници кои немаа пристап до современите знаења. Тоа време заврши. Денес јавно кажуваме, јавната администрација нема да биде повеќе партиски плен, ќе биде професионална, ефикасна и ќе работи за граѓаните. Естонија ни покажа дека малите земји може да бидат големи по иновации. Словенија пак, покажа дека администрацијата може да биде моторот, двигателот на реформите. Тоа се приказни кои почнаа токму така како што почнуваме ние денес - со луѓе кои решиле да се обучуваат и да ја менуваат и да ја менуваат својата татковина. Нашиот пат кон ЕУ е повеќе од хармонизација на закони, тоа е создавање институции кои работат по европски стандарди. Овие обуки се доказ дека не чекаме да ни кажат што да правиме, ние сме генерацијата што сакаме да ја донесе Европа дома преку современ јавен сектор. Апел до министрите и градоначалниците - ве повикувам сите, продолжете да ги поддржувате ваквите програми“, вели Мицкоски.
