Економија, финансии, бизнис

Контакт

Адеми: Судиите Македонци ги надгласале другите, а Владата води моноетничка агенда

Адеми: Судиите Македонци ги надгласале другите, а Владата води моноетничка агенда

Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми обвинува за етничка мајоризација во Уставниот суд, при одлуката да не се промени намалениот број на советници во повеќе општини во Македонија.

Адеми на прес конференција пред зградата на Уставниот суд обвини дека судот одлучил да ја потврди одлуката на Владата за намалување на бројот на советници особено во оние општини каде што мнозинството жители се Албанци.

„Денеска Уставниот суд уште еднаш потврди дека е параполитичка институција која работи по партиски диктат, која има за цел да реализира една опасна идеолошка платформа против своите сограѓани, во овој случај против своите сограѓани Албанци“, рече Адеми.

Според него, одлуката на Уставен е противуставна и спротивна на Законот за локална самоуправа, во кој, како што наведе, јасно и експлицитно се вели дека бројот на советници во општините се определува во зависност од бројот на жители во општината. 

„Законот за локална самоуправа вели бројот на жители, не вели резидентни или нерезидентни. Така било досега, ова е старо законско решение, а оваа одлука е нова одлука на оваа Влада, откако оваа Влада дојде на власт. Од септември 2024 година е оваа одлука. А денеска Уставниот суд ја потврди оваа противуставна и противзаконска одлука на Владата“, вели тој.

Адеми ја обвини Владата за целосно инструментализирање на Уставниот суд, со став дека на извршната власт „не и е гајле“ за правната рамка, туку има намера да води моноетничка агенда.  Тој тврди и дека судиите Македонци ги надгласале своите колеги од другите етнички заедници, односно дека резултатот од гласањето бил пет спрема три.

„Пет судии Македонци биле на една страна против двајца судии Албанци и еден судија Турчин кои биле против донесување на оваа одлука. Тие сносат одговорност за целата оваа поларизација што ни се случува во нашата држава, а сите ние тука што сме собрани во голем број сме за унитарна, еднаква и заедничка Македонија. Но, по се изгледа дека овие органи и институции кои треба да бидат независни имаат друга агенда, да креираат тензии и да не прашуваат ниту за Устав, ниту за закони, ниту за правилници, ниту за било какви одредби“, обвини Адеми.

Слично

Поврзани вести