Адеми: Палењето на сликата на Заев е примитивен чин
Министерот за односи со дијаспората Едмонд Адеми го осуди чинот на палење на сликата на премиерот Зоран Заев на денешниот протест на помала група на демонстранти од дијаспората во Мелбурн, Австралија нарекувајќи го примитивизам.
„ Тоа е чин кој е последица на националистичката и изолациска политика на претходната власт, базирана на поделби, омраза и страв, која за жал беше поддржана од дел од дијаспората. Таа политика последните 11 години ги загрози државните интереси и ја доведе земјата до раб на распад.
Оваа влада за кратко време ја врати Република Македонија во центарот на градење регионална соработка и ги унапреди меѓународните односи. Македонската дијаспора е исклучително важна во овој процес, и наместо да биде алатка за партиски цели , очекувам да биде мост на поврзување помеѓу Македонија и светот.
Тоа се луѓето кои најдобро знаат дека западно европските вредности се истовремено и македонски вредности, и затоа најдобро можат тоа да го покажат на домашната и меѓународната јавност.
Се разбира, голем е бројот на прогресивни луѓе низ светот , кои се вистински борци за македонските интереси - Македонија да биде развиена демократска држава која е поврзана со светот. Им благодарам“ напиша министерот Адеми во реакцијата на социјалните мрежи.
