Адеми: Бев на службено патување, организаторите направија пропуст
Министерот за образование, Арбер Адеми, демантираше дека го откажал учеството на одбележувањето на првата генерација дипломирани студенти на скопскиот универзитет „Мајка Тереза“ поради срам од новооткриената афера дека е еден од функционерите кои незаконски напредувале во научни звања на Државниот универзитет во Тетово (ДУТ).
Во писмена изјава до редакција на 1ТВ негираше дека бегал од прашањата на новинарите и дека го откажал присуството на прославата поради службено патување, затоа што, како што вели тој, дури попладнето слетал на скопскиот аеродром. Сепак било најавено неговото присуство, а тој вели дека тоа е пропуст на протоколот, бидејќи тој претходно ги известил дека нема да присуствува, но сепак неговото име не било тргнато од најавата.
Арбер Адеми, министерот за образование, иако бил поканет и најавен, вчера не присуствуваше на свеченоста на скопскиот универзитет „Мајка Тереза“ по повод одбележувањето на првата генерација на дипломци по избивањето на аферата дека е еден од функционерите кои незаконски напредувале во научни звања на Државниот универзитет во Тетово (ДУТ). Ова се случувало додека тие биле на функција, па нивната професорка позиција требало да биде во мирување.
Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, инаку еден од присутните заедно со собранискиот спикер Талат Џафери, не сакаше да го коментира отсуството на Адеми туку кратко искоментира дека треба институциите без притисок да си ја завршат работата.
Аферата ја откри во јавноста просветен инспектор, кој потоа тврдеше дека директорот на ДПИ му се заканил дека ќе трпи последици, а дека од Адеми и заменик министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, бил замолен да го заташка случајот.
