Адеми-Бејли: Земјава што побргу да најде излез од политичката криза
Вицепремиерот за европски прашања, Арбер Адеми, на денешната средба со амбасадорот на САД, Џес Бејли рекол дека комплексноста на ситуацијата во Македонија, во регионот и пошироко, во Европската Унија, налага земјава што побргу да најде излез од политичката криза.
Тоа треба да се направи користејќи ги расположливите политички и институционални капацитети, за враќање кон реформскиот курс.
Адеми додал дека Македонија останува на стратешката определба за членство во НАТО и во ЕУ.
„Нема и не размислуваме за друга алтернатива… Улогата на актуелното и на секое идно политичко лидерство е да работи на остварување на тие стратешки приоритети и да ја следи волјата на мнозинството граѓани“- стои во соопштението.
Вицепремиерот за европски прашања ја истакнал и важноста на САД како стратешки партнер на Република Македонија, нагласувајќи ја нивната поддршка од осамостојувањето до денеска, како еден од главните промотори за членството на земјава во евро-атлантските структури.
Тој се заблагодарил за помошта што континуирано повеќе од 25 години ја добиваме преку УСАИД, за спроведување на клучните реформи во однос на демократизацијата на општеството, економскиот пораст и на подобрување на квалитетот на образованието.
