МАКЕДОНИЈА СКОПЈЕ ВИЕНА ИНШУРЕНС СЕ НАЈДЕ НА ЛИСТАТА ЗА НАБЉУДУВАЊЕ - причина е што кон нив се присоединува Винер, постапката почнува
Берзата одлучи да ја стави Македонија Скопје Виена Иншуренс на својата Листа за набљудување.
На таа листа Берзата одлучува да внесе или да тргне одредени компании за кои треба да се подигне на повисоко ниво вниманието на инвеститорската јавност поради било кои процеси кои можат да бидат од нивни интерес.
Во случајот со ова акционерско друштво станува збор за објава дека е почната постапка за присоединување.
„Ве известуваме дека на 16.05.2023 година донесен е заклучок за внесување на издавачот Акционерско друштво за осигурување и реосигурување МАКЕДОНИЈА Скопје - Виена Иншуренс Груп на „Листата за набљудување“ што се објавува на веб страница на Берзата, согласно член 61-а од Правилата за котација.
Внесување на друштвото Акционерско друштво за осигурување и реосигурување МАКЕДОНИЈА Скопје - Виена Иншуренс Груп на „Листата за набљудување“ е со цел за обрнување на внимание на инвеститорската јавност поради објава за почнување постапка за спроведување на статусни промени на издавачот - присоединување“, се вели во објавата од Берзата.
Ова следува откако пред само неколку дена Македонија осигурување преку Берзата објави дека Винер ќе се присоедини кон Македонија осигурување, како друштво коешто всушност презема.
Таа објава беше наменета за сите акционери и други засегнати страни.
„Ве известуваме дека Надзорниот одбор на Акционерското друштво за осигурување и реосигурување МАКЕДОНИЈА Скопје - Виена Иншуренс Груп одлучи да се отпочне постапка за статусна промена - присоединување, при што Акционерското друштво за осигурување ВИНЕР - Виена Иншуренс Груп Скопје (како друштво што се присоединува) ќе се присоедини кон Акционерското друштво за осигурување и реосигурување МАКЕДОНИЈА Скопје - Виена Иншуренс Груп (како друштво што презема). Постапката ќе се спроведе согласно позитивните прописи кои се однесуваат на статусни промени.
Сите прашања поврзани со предметната постапка за статусни измени - присоединување можете да ги адресирате до стручните служби на Акционерското друштво за осигурување и реосигурување МАКЕДОНИЈА Скопје - Виена Иншуренс Груп“, беше наведено во објавата од Македонија осигурување Виена Иншуренс Груп Скопје.
Н.Н.Ф.
