Економија, финансии, бизнис

Контакт

АД ЕЛЕМ кон ВМРО-ДПМНЕ: Како остваривме рекордна добивка ако сме недомаќини!

АД ЕЛЕМ кон ВМРО-ДПМНЕ: Како остваривме рекордна добивка ако сме недомаќини!

Како остваривме рекордна добивка ако им служиме на Вице Заев, Кочо Анѓушев и за вработување преку непотизам, остро реагира АД ЕЛЕМ на денешните обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ кои ги оцени како неосновани и неиздржани критики за работењето на компанија. 

Ваквите се уште понелогични кога ќе се земе предвид историски најголемата добивка на АД ЕЛЕМ во 2018г. од речиси 30 милиони евра, за која информиравме вчера, велат од таму.

„АД ЕЛЕМ не е компанија ниту на ВМРО ДПМНЕ, ниту на СДСМ, ниту на било која друга политичка опција, туку е компанија на сите граѓани на  Македонија. И наместо најголемиот профит што го направила компанијата од нејзиното постоење и кој е профит на сите граѓани на Македонија, да биде поздравен, најмалку што се очекуваше денеска е да биде направен обид тој успех да биде минимизиран со неиздржани и неточни информации. Ако со ова се сакаше да се покрие работењето на компанијата во изминатите години, кога АД ЕЛЕМ работел дури и со загуба од 14 милиони евра во одредена година, тоа е некоректно кон самата држава и граѓаните, со оглед на тоа што компанијата ни припаѓа на сите нас.

Во однос на тоа како АД ЕЛЕМ менаџира со водните ресурси во акумулациите, доволно зборува фактот што од продажба на произведените вишоци електрична енергија во 2018 година остварен е приход од 21 милион евра, преку одлично изведените и синхронизирани продажби на вкупно 353.320 MWh енергија со просечна цена за околу 50% повисока од регулираната цена на електрична енергија.

Исто така, сакаме да потенцираме дека компанијата не се користи за ,,згрижување и плаќање на семејствата на функционерите на власта", туку во компанијата се вработени стручни лица кои помагаат за нејзино успешно и профитабилно работење, што се докажа во 2018г. Сите вработени во АД ЕЛЕМ, од прв до последен, без оглед на нивната партиска, политичка или верска припадност, се стручни за својата работа и придонесоа и продинесуваат за успешното работење и за постигнатата добивка од околу 30 милиони евра во 2018г.

АД ЕЛЕМ е уверен дека овие изнесени лаги и невистини уште повеќе ќе ги поттикнат нашите 4 700 вработени со нивното домаќинско и одговорно работење да постигнат уште подобри резултати во иднина“, се вели во реакцијата на Електрани на Македонија.

Власта го претвори АД ЕЛЕМ во фирма за згрижување на децата на функционерите на власта. Синот на Мира Дизел, но и роднините на останатите функционери уште се на своите високо платени работни места, иако Заев најави дека ќе си дадат откази, обвини претходно ВМРО-ДПМНЕ.

„АД ЕЛЕМ се користи за згрижување и плаќање на семејствата на функционерите на власта. СДСМ не знае да менаџира со енергетскиот систем во државата. Власта ги користи РЕК Битола и АД ЕЛЕМ за доделување милионски тендери на фирми блиски до врвот на власта.

Фирмата „СВ Инвест“, која се поврзува со братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев, е еден од најчестите добитници на милионските тендери од РЕК Битола. Иако годината што помина беше со големо количество врнежи, власта не знаеше да го материјализира истото и водата наместо во производство на електрична енергија завршуваше неискористена често предизвикувајќи поплави, особено во Охридското Езеро и акумулациите долж реката Црни Дрим. Доколку власта квалитетно менаџираше, АД ЕЛЕМ ќе имаше голема добивка.

Енергетиката само добро му оди на Кочо Анѓушев, кој во екот на преговорите за името, по само една изјава дека за него е прифатливо кое било име за државно име, ја продаде својата фирма за продажба на струја на грчкото електростопанство за неверојатни 5.5 милиони евра.

Криминалните тендери, непотизмот и матните бизниси не се и не можат да бидат европска вредност. СДСМ ја носи државата во бездна и затоа треба да си замине“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку Антикорупциската комисија утврди нерегуларности при вработувањето на синот на Мира Стојчевска, директорот на ЕЛЕМ Драган Миновски најави дека ќе понесе одговорност.

- Колку што сум инфоримиран, Антикорупциска последно објави демант дека има нерегуларности при вработувањето на Стојчевски. Постојано се проверува, сите документи побарани од антикорупциската комисија беа доставени. Исто така има и внатрешна комисија која проверува како е направен изборот за Стојчевски. Доколку се утврдат некакви нерегуларности во однос на изборот на Виктор Стојчевски, одговорност ќе сносат сите, вклучувајќи ме мене и Стојчевски, рече Миновски.

ЕЛЕМ претходно тврдеше дека синот на пратеничката Мира Стојчевска ги исполнувал сите критериуми за вработување и затоа бил примен во редовен работен однос.


Слично

Поврзани вести