Ацевски: Зелените кровови и зелените фасади се како „антибиотик и антидепресив” за загаденото Скопје
Голем проблем е и бара системски решенија, но има начини како да се ублажи загадувањето во Скопје, вели професорот на Шумарски факултет Јане Ацевски. Долги години се занимава со оваа проблематика и вели дека фактот оти Скопје е загушен град не може да се смени брзо. Парковите и зеленилото, вели, не се магично стапче и веднаш нема да ја променат сликата, сепак Ацевски вели оти има решенија кои ќе влијаат позитивно. Според него, ако се сака градот да е зелен (Зелено Скопје), тоа може да се постигне со вертикални зелени ѕидови, со зелени коридори, но и со зелени кровови. Сите се изводливи, не се скапи, а може да се аплицираат и во приватни и јавни површини.


Тврди дека вертикалните ѕидови со растенија може да се постават и на веќе постоечки објекти за колективно и индивидуално думување, јавни објекти и истите не чинат многу ако се земе во предвид нивниот краен бенефит. Одржувањето е едноставно а најчесто се прават самодоржливи системи. Слично е и кај крововите кај кои може зеленилото да се комбинира со други содржини.
„Секако треба да размислуваме во насока да одвоиме повеќе место во урбаните средини за паркови и за зелени растителни коридори . Треба да се размисли за замена на бехатон плочките на места каде може со зеленило. Кровните градини се исто така опција која сега е доста применлива во многу градови во светот, дури и таму каде нема проблем со загадувањето, затоа што тоа се места каде може да се релаксирате, да го поминувате времето со децата и милениците, а истовремено да сте близу до својте домови. Ефектот од нив е повеќекратен, вели Ацевски.
Ацевски посочува
дека еден таков пример е понуденото решение за зелен кров на Градскиот трговски
центар во кое и самиот бил консултиран. Тврди дека ќе ја намали темепературата
на трговскиот но и ќе понуди алтернатива за престој и рекреација.
Град Скопје понуди идејно решение за нов кров на ГТЦ на кое е има зелени површини на 1.800 метри квадратни. Ацевски вели дека при вакви решенија треба да се внимава на изборот на садници, затоа што тие мора да бидат издржливи на високи температури на лето и ниски на зима, односно на скопската клима.

„Сите садници се со “школован корен”, односно такви кои ќе успеваат ограничени услови (жардињери) и сите имаат соодветен однос на коренот со лисната маса. Некои од нив се автохтони садници кои ги има и кај нас (тиси, јавори, борови) кои одговараат на условите овде. Инаку, факт е дека на кров не може да се изгради парк, ниту шума и тоа мора да се знае. Такви опции се за други места, вели професорот.
Ацевски кој инаку е дендролог и фитоценолог (наука за дрвјата и социјалниот живот на шумата), е дециден дека градот треба да размислува на посеопфатни мерки против загадувањето, но вели дека на краток рок вакви решенија ќе имаат ефект.
А.Т.
