Економија, финансии, бизнис

Контакт

Аце Коцевски: Критиките за високите патни трошоци се оправдани, но само за тие пратеници кои правеле злоупотреби

Аце Коцевски: Критиките за високите патни трошоци се оправдани, но само за тие пратеници кои правеле злоупотреби

Велешкиот градоначалник поттикнат од моментално најактуелната тема во медиумите поврзана со народните избраници-пратеници на социјалните мрежи го сподели својот став.

Високите патни трошоци според него се оправдани, но само за оние пратеници кои правеле злоупотреби, а не сите пратеници го правеле тоа.

Аце Коцевски на Фејсбук ги опиша патните трошоци за времето кога тој беше пратеник.

„Пратениците се изложени на жестоки критики и осуда на јавноста заради тоа што земаат големи патни прошоци. Критиките се оправдани само за тие пратеници кои правеле злоупотреби. Но, сите пратеници не се исти, сите не правеле злоупотреби. Затоа не е фер, не е добро, не селективно, еуфорично, да се оцрнуваат сите пратеници и функцијата пратеник, затоа што меѓу нив има и многу пратеници кои воопшто не земале патни трошоци или пак не правеле злоупотреби.

Злоупотребите со патните трошоци не се нешто ново на политичката сцена. Се случуваат во континуитет од почетокот на деведесетите години. Имав чест да бидам пратеник во периодот од 1994 година до 1998 година. Тогаш злоупотребите беа уште поголеми и посериозни, затоа што во тоа време, извршување на функцијата пратеник не беше неспоиво со извршување на друга јавна функција, па така еден дел од пратениците истовремено беа и директори на јавни институции. Патуваа со службени автомобили, понекогаш и повеќемина во еден службен автомобил, а сите поединечно поднесуваа патни налози како да користеле сопствено возило за службени цели. Подтикнат од критиките во јавноста, слични како денешните, како член на Комисијата за избори и именување, овој проблем го поставив на дневен ред на Комисијата и барав службите на Собранието да утврдат дали пратеникот патувал со своја кола пред да му исплатат патни трошоци. Бев изложен на жестоки критики, особено од еден пратеник, сега покоен, кој ме нападна со зборовите: ,,Знаеш ли ти што значи да се биде партеник? Кој си ти да бараш такво нешто? Како може собраниски службеници да не контролираат нас пратениците дали сме патувале со свој автомобил? Тоа е понижување за нас пратениците”. И така, се остана по старо, до ден денес“, вели тој.

Понатаму продолжува:

„Злоупотреби прават пратениците кои не патуваат (а, обезбедуваат фискални сметки од патарините како доказ дека патувале), имаат на располагање станови во Скопје во кои престојуваат (сопствени, изнајмени или на роднини или пријатели) или пак користат друг превоз, а пишуваат патни налози како да патувале со свој автомобил и на тој начин го оштетуваат Буџетот на Република Македонија.

Доколку има добра воља проблемот може да се реши многу лесно и едноставно. На Република Македонија и е многу поисплатливо на сите пратеници кои мора да патуваат, посебно од пооддалечените општини, да им обезбеди државни станови (јас користев службена наместена гарсониера од 29 м2 што уредно ја вратив по завршување на пратеничкиот мандат) или да изнајми станови со посредство на агенциите за недвижности и на пратениците да им плаќа месечен надоместок за одвоен живот од семејството, и неколку патни месечни трошоци во висина на автобуски билети за посета на семејствата и за средби со избирачите. Придобивките ќе бидат големи. На тој начин драстично ќе се намалат трошоците. Нема да има злоупотреби. Пратениците нема да си го ризикуваат здравјето и животите патувајќи секојдневно, понекогаш и во лоши временски услови и на подмрзнати коловози, ќе бидат поредовни и поконцентрирани на седниците. И што е најважно, државата и граѓаните – даночни обврзници ќе заштедат сериозни финансиски средства кои може да се наменат за разрешување на други, многу поприоритетни проблеми.
И се разбира, сите пратеници за кои ќе се докаже дека земале патни трошоци, а не патувале треба задолжително парите да ги вратат во Буџетот на Република Македонија.“, пишува велешкиот градоначалник на Фејсбук.

Слично

Поврзани вести