УЈП ќе оданочува 134 студенти кои заработувале во странство, од таму велат дека дека се е по постоечки прописи
На денешниот брифинг со новинарите, директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, соопшти дека по направена селекција биле издвоени 134 млади лица родени по 2000 година, во рамки на постапката за пријавување доход остварен во странство. Притоа беше посочено дека со дел од нив веќе се одржуваат средби, се даваат појаснувања за законските обврски и се разгледува можноста обврските да се подмират и на рати.
„Не станува збор за воведување оданочување на посебни категории граѓани, туку за примена на закон кој важи за сите граѓани“, изјави директорката на УЈП, Елена Петрова. Таа посочи и дека „нашиот пристап не е репресивен, прво информираме и даваме можност за доброволно усогласување“, како и дека „целта не е наплата на данок по секоја цена, туку обезбедување еднаков третман за сите“.
Ова објаснување на УЈП го отвори прашањето за институционалните приоритети. Во земја во која сивата економија со години е присутна во повеќе облици, а издавањето станови без пријавен приход и без соодветно оданочување останува широко распространета појава, фокусот врз студентите предизвика силни реакции во јавноста. Медиумски анализи и извештаи веќе подолго време укажуваат дека на пазарот има илјадници станови и сместувачки капацитети што се издаваат надвор од целосно регулиран систем.
Во таа насока, случајот со студентите се доживува како пример во кој државата покажува видлива ажурност кон категорија граѓани што е лесно административно опфатлива, додека поголеми и подолготрајни облици на непријавен приход и понатаму остануваат сериозен предизвик за системот.
Значење има и поширокиот меѓународен контекст. Во Германија, за 2025 година, основниот даночно ослободен износ е 12.348 евра, што значи дека ниските приходи имаат поповолен третман во тамошниот систем. Поради тоа, дел од студентите кои работеле сезонски таму добиваат поврат на данок или остваруваат приход што се третира поповолно. Во Македонија, пак, тие исти приходи стануваат основа за даночна обврска, што дополнително ја засилува јавната дилема за правичноста и за пораката што државата им ја испраќа на младите.
Петрова на брифингот порача дека УЈП „ќе продолжи со транспарентност, поддршка и отворена комуникација со медиумите и јавноста“. Сепак, јавната дебата веќе се движи во поширок правец. Таа ги отвора прашањата за доследноста во третманот на различни категории обврзници, за редоследот на приоритетите и за довербата што младите ја имаат во институциите.
Прашањето за оданочувањето на студентските приходи од странство затоа ја надминува административната рамка. Станува збор за тема што ја отвора дилемата дали системот подеднакво одлучно постапува во сите области на сивата економија и дали државата кон младите испраќа порака на поддршка, предвидливост и правичен третман.
- Филип Костов
