Економија, финансии, бизнис

Контакт

700 Македонци заглавени на Блискиот Исток - билетот за враќање до Скопје достигна 20.000 евра

700 Македонци заглавени на Блискиот Исток - билетот за враќање до Скопје достигна 20.000 евра

Македонските граѓани кои се наоѓаат во земјите од Блискиот Исток се соочуваат со сериозни проблеми при обидот да се вратат во државата, откако новата ескалација на конфликтот во регионот го наруши авиосообраќајот и ги зголеми цените на авионските билети до рекордни нивоа.

Според претседателот на Туристичко-угостителската комора на Македонија, Аркан Керим, во моментов околу 700 до 800 македонски државјани се наоѓаат во овој регион и сакаат да се вратат дома, но тоа е речиси невозможно поради техничките ограничувања и енормните цени на летовите.

- Најголем проблем во овој момент претставува тоа што најголемиот аеродром во светот Дубаи престана да работи. Интерконекциите помеѓу Австралија, помеѓу Азија со Европа, се прекинати. Фактички голем крвоток на авионскиот сообраќај е прекинат со ова што се случува на Блискиот Исток. Македонија е засегната со тоа што има околу 700 - 800 туристи или луѓе што живеат во овој регион и коишто сакаат да се вратат. Во моментов враќањето е технички многу тешко и скоро невозможно, бидејќи цените на авионските карти од Дубаи достигнаа рекордни 20.000 евра за едно седиште. И затоа треба да се причека и да се се следи целата ситуација. Имаше варијанти да се патува во Саудиска Арабија, па од таму да се вратат. Меѓутоа Саудиска Арабија бара визи за македонските граѓани и тоа малку го отежнува враќањето, бидејќи саудиската виза не се добива така лесно - вели Керим.


Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора на Македонија

Проблеми има и со туристичките патувања од Македонија кон овој регион. Керим посочи дека веќе има случаи на откажани аранжмани.

- Поаѓањето од Скопје кон дестинации коишто се блиску до овој регион е проблематично, бидејќи вчера бевме сведоци кога група од 50 жени не сакаа да патуваат. Тоа ја стави во проблеми и туристичката агенција која е организатор на ова патување, бидејќи таа на време платила авионски карти и хотел и сега има сериозни проблеми сето тоа да го рефундира спрема патниците. Луѓето мора да имаат едно разбирање дека ова е виша сила, не е настаната по грешка на агенциите и нормално дека овие дестинации како Дубаи, Катар, ќе треба малку да се одложат додека не се заврши целата ситуација. Исто така би сакал да нагласам дека Туристичко - угостителската комора на Македонија е во секојдневни контакти со нашите дипломатски претставништва во овој регион, со нашинците што живеат таму, ако има потреба на некој можен начин да помогнеме, при нивното евакуирање, при нивната помош да се вратат дома. Во март имаше многу организирани групи коишто требаа да патуваат во Дубаи, во Кипар и за жал сите тие се откажуваат и се одложуваат поради новонастанатата ситуација, посочува Керим

Toj дополнува дека земјите од регионот на Блискиот Исток којшто се погодени од целокупнава неочекувана војна што се случува изминативе неколку дена, во 2025 година имале девизен прилив од 111 милијарди долари во однос на дојдовни гости. Тоа се Дубаи, Саудиска Арабија, Катар, Оман, Бахреин, Кувајт, во коишто доаѓаат посетители од целиот свет.

Соња Алексоска Неделковска 


Слично

Поврзани вести